
Види ја локацијата на Google Maps

Број 4, Година I, Ноември / Декември 2009
Врбник - Праисториска наколна населба во СтругаЛокалитетот Врбник се наоѓа во Охридското Eзеро во близина на Струга, поточно во заливот меѓу Струга и Радожда. Од локалитетот Устие на Дрим е оддалечен околу 1200 м, а од селото Калишта околу 1000 м во правец кон исток. Од брегот е оддалечен околу 200 м, а лежи на длабочина од 3–5 м во езерото. Првите сознанија за локалитетот Врбник датираат од 80-тите години на минатиот век од локалното население кое забележало вкопани дрвени колци во езерото. Притоа, откриени се фрагменти од керамични садови, врз основа на кои е подготвен елаборат за подводни истражувања кои започнаа во 1998 г. Истражувањата ги предводеше Музејот на Македонија во соработка со Музејот во Струга и Сојузот на нуркачки друштва на Р. Македонија, кои со прекини траат до 2003 година. Во 1998 година е поставена квадратна мрежа со димензии 100 х 50 м фиксирана со длабоко вкопани бетонски столбови кои излегуваат 30 см над дното. Во квадратната мрежа се издвоени два сектора со димензии 50 х 50 м. Заради попрецизно евидентирање на археолошките остатоци на овој простор, секторите се поделени на 25 сегменти со димензии 10 х 10 м, а секој сегмент на 25 квадрати, со димензии 2 х 2 м. Извршено е маркирање и геодетско снимање на дрвените колци кои се шират и надвор од поставената мрежа и зафаќаат површина од 250 х 150 м. Од вкупната површина на поставената квадратна мрежа засега се истражени само два сегменти. Досега се регистрирани околу 500 колци, организирани во групи или поединечни. Колците се со различен пречник кој се движи од 20–30 см, но прашањето за нивниот распоред и организација, а уште повеќе за изгледот на куќите сé уште останува отворено. Движниот археолошки материјал се состои главно од фрагменти и помал број цели керамични садови и предмети изработени од бронза и железо, откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 см и се наоѓа по целата истражувана површина. Движни наоди Керамичкиот материјал е во прилично лоша состојба, но сепак, можат да се издвојат неколку покарактеристични форми на фина и груба керамика. Меѓу формите на фина керамика се јавуваат кантаровидните садови со лентести држалки кои го надвисуваат работ на устието, со топчесто тело на подигната нога или со заоблено дно, рачно изработени од непрочистена глина (сл. 1, 2). Овој тип на кантаровидни садови се развива подолг временски период, почнувајќи од бронзеното време, но со наведените карактеристики се јавуват во текот на железното време. Неколкуте коленести рачки кои најверојатно припаѓаат на кантаровиден сад или на бокал со засечена задна страна на вратот, се исто така карактеристични за раното железно време (сл. 3–5). Бокалот со косо засечена задна страна на вратот е форма која исто така бележи долг развоен пат од крајот на бронзеното и низ целото железно време во Македонија. Нивната продукција со редуцирани варијанти и декорација упатува на железното време на поширок регион. На нашиот локалитет е откриен фрагмент од бокал со лентеста држалка (сл. 6), рачно изработен од непрочистена глина со светлокафена боја, кој датира во периодот на VIII–VII век пр. н.е. Чиниите се застапени со неколку различни форми, од кои две se целосно сочувани со конусно тело (сл. 7, 8). Тие се рачно изработени од непрочистена глина. Меѓу грубо изработените чинии се и двата примероци со полусферично тело, рамно дно, со едноставен раб, од кои едната има хоризонтални држалки (сл. 9, 10). Глината е сива или сиво-кафена со крупни зрна песок. Нешто пофина изработка се забележува на чинијата со полусферично тело и хоризонтално извлечен раб, како и на примерокот со хоризонтални држалки на работ (сл. 11, 12). Сите овие се карактеристични форми на чинии за железното време. Складишната керамика е застапена со повеќе фрагменти од питоси и фрагменти од големи складишни садови со копчести држалки на стомакот, кои можат да бидат декорирани со врежување (сл. 13–15). Овие форми на складишни садови се јавуваат во доцното бронзено и низ целото железно време во Македонија. Хронолошки нечуствителни се и двата фрагменти од складишни садови, декорирани на стомакот со хоризонтално пластично ребро, со коси засеци и со втиснуваwе од прсти (сл. 16,17). Од погоре наведените форми може да се заклучи дека станува збор за форми карактеристични за поширок временски период, но, сепак, карактеристични за полното и доцно железно време во Македонија. Од наведениот керамички материјал се издвојува единствениот фрагмент од црнофирнизиран скифос. Како извесен атички импорт се датира околу средината на VI век пр. н.е. и претставува најадекватен репер за датирање и на останатите наоди (сл. 18). Во керамичниот материјал припаѓаат и керамични тегови со макареста форма, биконични пршлени, и кружни тегови, кои веројатно се користени за рибарските мрежи (сл. 19–22). Накитот е застапен со два фрагменти од салталеони (сл. 23,24), типична форма на накит во гробовите од железното време. Неколкуте примероци на двојни игли со проста триаголна глава, изработени од бронза (сл. 25–27), се карактеристични главно за VI век пр. н.е. Двете бронзени белегзии со преклопени краеви, од кои едната е декорирана со врежуваwе (сл. 28,29), се исто така типична форма накит за VI век пр. н.е. во Македонија. Меѓу предметите изработени од железо среќаваме два ножа и железна јадица (сл. 30) Иако во голем дел од застапените наоди се фрагментирани и хронолошки не толку чувствителни, односно се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, можеме периодот на VII и VI век пр. н.е. да го истакнеме како сигурен период на живеење на палафитната населба на Врбник. На оваа датација најповеќе упатуваат чиниите, белегзиите и двојните игли. Во железнодопската култура на Македонија, тие форми не се јавуваат надвор од наведените хронолошки рамки, а импортираниот скифос само ја потврдува таа датација. |
Објавени написи во ова издание:
|