
Види ја локацијата на Google Maps

Број 4, Година I, Ноември / Декември 2009
Пенелопа - Праисториска наколна населба во ОхридНајстариот хронолошки дострел на Охрид не е ридот и стариот дел на градот, туку низинскиот дел, југоисточно од ридот. Тоа е просторот од комплексот “Летница” и плоштадот до станбениот комплекс “Охридати” и спортскиот центар “Билјанини извори”, односно денес густо населен со модерни архитектонски градби, улици и дворишта. Овој простор покрај езерото во старите времиња сигурно бил само мочурлив терен обраснат со трска и друга вегетација. До пред само неколку години немавме никакви податоци дека овој крајбрежен простор од Охридското Езеро претставува исклучителна праисториска археолошка оаза. Имено, сигурно дека овде подолготрајно функционирала моќна наколна (палафитна) населба, еден вид “праисториски град” изграден на дрвени колци закачени длабоко во мочурливата почва. Со понатамошни активности, главно инцидентни, на одделни места од овој градски простор, откривани се предистириски археолошки вредности, коишто досега се илустрирани само со евидентираните моќни дрвени колци и со движен археолошки материјал. Кај градскиот кварт “Охридати”, на длабочина од 4.30 - 4,50 м констатирани се горенаведените показатели со хронолошка припадност на бронзеното време, но со индиции дека населбата егзистирала од крајот на неолитскиот период до крајот на бронзеното и на железното време. На оваа хронолошка определба особено укажува движниот археолошки материјал: фрагментирана керамика, фрагменти од камени и кремени орудија и животински коски. Овој наод беше сосем случаен, а локалитетот не беше евидентиран и регистриран од причина што досега не беа познати ниту површински показатели, ниту пак имаше некакви индиции за евентуални археолошки остатоци, бидејќи сега откриените остатоци се покриени со дебели наслаги на глина. Имено, стратиграфската слика покажува стерилен површински слој од кафеаво-сива боја од 0,90 м, потоа слој од недоволно компактна сива глина 1,00 м и слој од 1,50 м компактна сива глина. Културниот слој започнува на длабочина од 3,40 - 3,50 м и е постојано под вода. Треба уште еднаш да се потенцира: оваа појава досега не можела да се евидентира на простор кој одамна е населен со станбени објекти и други јавни згради (Угостителско училиште, Факултет за туризам, зграда на шумското стопанство, хотелски комплекси и други објекти). Оваа состојба е релевантна и за просторот околку хотелскиот комплекс “Палас”, како и на просторот од старата автобуска станица “Галеб”, близу до градската пошта. |
Објавени написи во ова издание:
|