ISSN 1857-6729        MK| EN| IT| DE| FR
Bookmark and Share

Број 4, Година I, Ноември / Декември 2009

Предисториските наколни населби на Oхридското езеро

Паско Кузман

Наколните живеалишта во Македонија ги споменува уште Херодот (V,16) кој дава опис на една езерска населба на Прасијадското Езеро (Бутковското или Дојранското ?).

Охридското Езеро, заедно со Преспанското, претставува остаток на големото неогено Дасаретско Езеро и припаѓа на Јадранскиот басен. Со досегашните истражувања утврдена е дилувијална тераса 10 до 12 м над денешното ниво од водата на езерото, а освен тоа утврдена е и крајбрежна линија висока 4,0 м над сегашното ниво од езерото. Ова езеро имало и пониски езерски состојби во минатото. Тоа е констатирано врз основа на зачувани траги, археолошки остатоци и други податоци, како и преданија. Историчари, хроничари, патеписци и истражувачи оставиле податоци врз основа на кои се регистрирани разни видови на археолошки вредности во водите на езерото.

Досега највпечатливи остатоци од подводното културно наследство се остатоците од наколните (палафитни) населби кои припаѓале на праисториските времиња. Тоа се главно, остатоци од дрвени колци забодени на дното од езерото, како и многуброен движен археолошки материјал на просторите од соодветните локалитети.

Палафитни населби на западното крајбрежие од Охридското Езеро и покрај реката Црн Дрим

Такви локалитети се констатирани во струшкиот дел од крајбрежјето, и тоа: Уста на Дрим, кој се простира на поголема површина покрај брегот и во водите на езерото, на местото каде што реката Црн Дрим истекува од Охридското Езеро во Струга; Врбник, близу Струга, во водите на езерото западно од Уста на Дрим за околу 2,5 км, на позицијата меѓу Струга и Калишта, јужно од крајбрежјето за околу 200 м и Црквени Ливади, кај с. Враништа, на простор каде што реката Шум се влива во Црн Дрим, речна населба, но исто така од типот на наколните и близу Охридското Езеро. Во албанскиот дел од езерото констатирани се остатоци од наколна населба близу Поградец. Сите овие населби обилуваат со движен археолошки материјал кој хронолошки припаѓа на последните фази од младото камено време (неолитот), како и на бакарното, бронзеното и железното време од праисториската епоха.

Од горенаведените локалитети во струшкиот дел од Охридското Езеро особено е значаен Уста на Дрим, каде што во 1961 година, при акција за регулација на коритото од реката Црн Дрим на ова место со механизација биле исфлани камени и кремени орудија и керамички фрагменти. Ова било причина за изведба на краткотрајни заштитни археолошки истражувања (сондажни, на брегот) со кои е собран богат археолошки материјал кој хронолошки се врзува за времето на енеолитот и бронзеното доба. Населбата била наколна и се просторала на поголема површина крај брегот, всушност, тоа биле неколку помали наколни живеалишта едно до друго, а жителите главно се занимавале со лов, риболов и земјоделство. Денеска археолошки предмети од овој локалитет се наоѓаат во три музеи на Македонија: во струшкиот музеј “Д-р Никола Незлобински”, во Охридскиот и во Музејот на Македонија во Скопје како и во повеќе приватни колекции во Струга.

Регулацијата на коритото на Црн Дрим со механизација во шеесеттите години на XX век е причина за откривање на уште еден локалитет од ваков вид: Црквени Ливади кај с. Враништа, 4 км од Струга низводно по реката, на местото каде што притоката Шум се влива во Црн Дрим. Тогаш е изведен заштитен археолошки зафат од страна на Народниот музеј во Охрид, а во 1979 година Археолошкиот музеј-Музејот на Македонија од Скопје, во соработка со Музејот “Д-р Никола Незлобински” од Струга ќе изврши археолошки ископувања на овој локалитет со кои е констатирана уште една наколна (крајречна) населба од бронзеното време. Во 1998 година стручна екипа од Музејот на Македонија - Скопје и од Народниот музеј “Д-р Никола Незлобински”- Струга беа извршени подводни археолошки истражувања на локалитетот Врбник со кои беше констатирано дека овој локалитет претставува наколна населба на еден поголем простор кој своевремено бил само мочурлив терен покрај езерските води и кој хронолошки припаѓа на бронзеното и железното време од праисториската епоха.

Палафитни населби покрај Источното крајбрежие на Охридското Езеро

Последните неколку години од штотуку изминатиот XX век откриени се остатоци од три праисториски наколни населби покрај источното крајбрежје во водите на Охридското Езеро, односно на охридското карпесто крајбрежје за кое се мислеше дека е “негостољубиво” за лоцирање на ваков тип праисториски живеалишта. Во 1997 година беа извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија на локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на Коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани. На длабочина од 3,00 до 5,00 м беа откриени многубројни дрвени колци закачени на дното од езерото и многуброен движен археолошки материјал со хронолошка припадност на крајот од бронзеното и почетокот на железното време. Подводните археолошки истражувања на овој локалитет се изведуваа континуирано до 2005 година при што беа позиционирани 6000 дрвени колци на дното од езерото, која бројка секако не е конечна. Во 1998 година, во ноември, беа откриени остатоци на уште една наколна населба, овојпат во близина на селото Трпејца, локалитетот На Дол во Заливот на Прчот. Дрвени колци и движен археолошки материјал (керамика, камени орудија) беа регистрирани на длабочина од 5,00 - 7,00 м под површината на водата. Тогаш беа изведени пробни подводни истражувања кои се сведуваа главно на рекогносцирање и фото-документирање на остатоците на оваа населба. Според карактерот и особеностите на наодите, констатирано е дека и оваа населба припаѓа на крајот од бронзеното и на железното време.

Во јули 1999 година е откриена и трета населба покрај источниот брег на Охридското Езеро. Овој пат се работи за простор кој го зафаќа северното крајбрежје на селото Пештани, во дел од т.н. Залив на Бомбите. Овде случајно е откриен дрвен колец на самиот брег, како и многубројна фрагментирана керамика која по своите типолошки одлики е речиси идентична со керамичката продукција од претходните две наколни населби.

Претпоставка за уште една праисториска населба во водите на Охридското Езеро, јужно крабрежје, постои за локалитетот “Војна плажа” на брегот и во езерото, кој се наоѓа западно од манастирскиот комплекс “Св. Наум”.

Првите и натамошните подводни археолошки истражувања на Охридското Езеро на гореспоменатите праисториски наколни населби беа изведувани од ресорот за праисторија и протоисторија при Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, раководени од долупотпишаниот, како и во соработка со Клубот за подводни дејности “Охрид” од Охрид, раководен од Милутин Секуловски, нуркачки инструктор.

Горенаведениот приказ укажува на “возбудлива живост” на Охридското Езеро, “богати водни архиви” и други културно-историски богатства со какви очигледно обилуваат подводните простори на овој аквакомплекс, а кои придонесуваат за расветлување на животот уште од бронзенодопските праисториски времиња, односно од времињата на формирање и препознавање на племенските (а со тоа и етничките) популации на овие простори (Бригите), како и, сигурно, на античките и средновековните културни континуитети во областа на Охридскиот регион.

Наколни населби на Охридското Езеро
Наколни населби на Охридското Езеро

Охридското езеро (Паско Кузман)

Наколни населби на Охридското Езеро

Објавени написи во ова издание: