
Види ја локацијата на Google Maps

Број 3, Година I, Октомври 2009
Кастелот kај ПчињаКастелот кај реката Пчиња се наоѓа на 26 км југоисточно од главниот град Скопје и е на автопатот Скопје - Солун. Живописниот крајолик кон запад се издолжува, а реката Пчиња ги заобиколува стрмните карпи од тој предел формирајќи возбудлива форма на еден разигран речен полуостров. Околу 3500 год. пред Христа безимените жители на минорната населба биле принудени да подигнуваат палисади како би се заштитиле од освојувачите кои доаѓале од север. Дали земјоделците и козарите крај Пчиња биле од племињата на Бригите, или биле културно слични на нив, стои како нечитлива историска страница. Малкуте собрани и откриени парчиња од керамички садови постари од 1000 години пред Христа се оние од кои јаделе и раснеле пајонските воини кои заедно со Тројанците се бореле против Ахајците. Како една од северозападните и крајгранични населби кон Дарданија, Пајонската населба над Пчиња секако дека административно зависела од градскиот центар Билазора, изграден на дваесетина километри источно оттука. Македонскиот период од IV - II век пред Христа како и римскиот период сé до IV век по Христа, овде, се сé уште прекриени со тајни. Како Кастелион оваа населба добива и има стратешко значење од IV до VII век, заради контролата над античкиот и средновековниот пат од Тесалоника (Солун) до Скупи (Скопје). Во тврдината, кон западниот простор, надвиснат над карпите во северниот дел покрај Пчиња, христијанското население изградило црковен објект во кого се молело сé до првите децении на VII век, кога варварските племиња од север ќе ја освојат. Во исто време, на највисоките карпи, крај Акрополот се одвивал секојдневниот живот на тогашните пекари, ковачи и трговци. Реконституцијата на византиското царство во XI век го вратила активниот живот и значењето на Кастелионот кој без прекини ќе тече сé до османските освојувања кон крајот на XIV век. Во крајниот западен дел од просторот утврдени се остатоци од црква со фрагменти од живопис кој хронолошки се врзува за XII - XIII век. Многу е веројатно дека тука се наоѓал манастирот забележан во царските документи кои денес се чуваат во рускиот манастир Св. Пантелејмон на Света Гора. Според документот од XIV век митрополитот Серески, Јаков, како царски дар го добил манастирот со околната територија и имоти на управување. Многу е веројатно дека последните години од својот живот тој ги завршил во ќелијата направена во природната пештера, сместена под најстрмните и најужни карпи под кастелот. |
Објавени написи во ова издание:
|